Руските власти го ограничија пристапот на граѓаните до Вибер.
Руските власти како причина за тоа го наведоа „спречувањето на дистрибуција на забранети содржини и можноста за злоупотреба за терористички цели“.
Како што соопшти Роскомнадзор, употребата на Вибер во Русија е ограничена „поради прекршување на барањата на руското законодавство за организаторите на ширење информации“.
Руската федерална извршна агенција одговорна за следење, контрола и цензурирање на масовните медиуми, објасни дека станува збор за спречување закани од користење на апликацијата за терористички и екстремистички цели, регрутирање граѓани, продажба на дрога, како и во врска со објавување нелегални информации.
Антон Немкин, член на Комитетот за информатичка политика на Државната дума, рече дека висината на казните за Вибер во Русија во изминатите две години надминала 1,8 милиони рубљи (околу 16.500 евра) и дека овие казни сè уште не се платени.
Според аналитичката агенција Телеком Дејли, бројот на дневни корисници на Вибер во Русија е околу 1,7 милиони луѓе.
За споредба, WhatsApp има 8,1 милиони, а Telegram 6,4 милиони.