Заеднички инвестициски проекти за поголем економски раст на Западен Балкан

19

Земјите од Западен Балкан треба да работат на заеднички инвестициски проекти, пред сè во областа на инфраструктурата, енергетиката и образованието за да обезбедат поголем економски раст, пишува Миа.

Ова е еден од предлозите усвоени на регионалната конференција на стопанските комори од регионот одржана во пресрет на Втората конференција за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, а на која учествуваше и Стопанската комора на Македонија.

“Учеството на регионот во вкупната трговска размена на Европската унија во 2014 година изнесува само 1,1%, што е слаб економски резултат и заради тоа е неопходна интензивност, односно сите заеднички да работиме најмалку двојно да го зголемиме во следните години“, истакна денеска Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

На состанокот е договорено да се основа и коморски инвестиционен форум за Западен Балкан и да се формира заеднички центар за програмирање на регионални проекти, како и да се побара од владите на секоја земја, претседателите на стопанските комори да членуваат во националните инвестициски комисии. Договорено е и коморите од регионот на Западен Балкан да се состануваат секои три месеци, а следниот состанок ќе се одржи во Македонија.