Заеднички проект на Грција и Бугарија за пловна станица во Александруполи

146

Националниот оператор во Бугарија за природен гас, компанијата Булгартрансгас, преку преземени 20 отсто од акциите во грчката компанија Гастрејд, учествува во проектот за терминалот за течен природен гас во близина на Александруполи во Грција, што ќе претставува нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и Северна Македонија, Романија, Србија, Унгарија, Молдавија и Украина, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот за купо-продажбата на акциите и учеството на бугарската компанија денеска беше потпишан во Атина, во присуство на премиерите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов, кои ја истакнаа важноста на проектот, како за двете земји, така и за поширокиот регион.

Како што соопштуваат од грчката компанија, Гастрејд создава пловна станица на 17 километри од Александруполи за привремено складирање и гасифкација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри.

“Пловната единица ќе се поврзува со националниот систем за природен гас со гасовод во должина од 28 километри, преку кој гасифицираниот течен природен гас ќе се дистрибуира на пазарите во Грција, Бугарија, но и во поширокиот регион, од Романија, Србија и С.Македонија, до Унгарија, Молдавија и Украина, соопштуваат од Гастертрејд.