Заедно да работиме на надминување на бариерите за девојките и жените во науката

16

На иницијатива на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, а по повод Меѓународниот ден на жените и девојките научнички, денеска се одржа тематска дебата Професионални и лични предизвици со коишто се соочуваат научничките во Република Северна Македонија.

Обраќајќи се пред присутните, сопругата на претседателот рече дека одбележувањето на овој ден е можност за подигнување на јавната свест за потребата за зголемување на бројот на жени и девојки научнички.

“Овозможувајќи им еднакви можности за образование на девојките ги поттикнуваме да не го напуштат образовниот процес и во иднина да бидат дел од науката“, нагласи Ѓоргиевска, додавајќи дека сите заедно треба да работат на надминување на бариерите за девојките и жените во науката.

“Повеќе жени во наука е важна тема и за Агендата 2030. До 2030 година земјите во светот треба да изградат отпорна инфраструктура, да промовираат инклузивна и одржлива индустријализација и да поттикнуваат иновација. Оваа цел не може да се оствари без еднакви можности за жените научнички и истражувачки. Нееднаквиот пристап на жените и девојките до СТЕМ- областите е кочничар за одржливиот развој. Со својот придонес, жените научнички можат да го забрзаат темпото и да помогнат да се надомести загубеното време во постигнување одржлив развој“, рече Ѓоргиевска.

“Говорејќи дека во земјава бројот на научнички во одредени академски дисциплини е на повисоко ниво од многу други земји, Ѓоргиевска нагласи дека за подобри резултати, потребен е долгорочен ангажман преку инвестирање во образовен систем кој ќе нуди еднакви можности за сите. Треба да ги поттикнуваме девојките да бидат дел од науката“, истакна таа додавајќи дека како општество потребно е да обезбедуваме механизми со кои ќе се поддржат жените да бидат дел од повеќе научни истражувања.

“Верувам дека со ангажман од државата, академската заедница и бизнис- заедницата, можеме да успееме. Да охрабруваме платформи, програми и инкубатори за жени и за девојки истражувачи во СТЕМ-областите. Да се стремиме кон општество и кон образовен систем што ќе ги охрабрува девојките да студираат во СТЕМ-области, и притоа да го дадат најдоброто од себе за да бидат позитивен пример не само за својата туку и за наредните генерации. Да бидеме катализатор на промени за подобро општество за секој од нас“, истакна сопругата на претседателот, Ѓоргиевска.

Дискутирајќи за предизвиците од институционална природа, Елисабета Бајрами Ологу, предавач и раководител на Одделот за социјална работа и социјална политика на Универзитетот Мајка Тереза во Скопје ја истакна потребата од истражувачки центри, како и поголема финансиска поддршка за докторантите од областа на истражувањето.

Проф. д-р Јасмина Петреска Станоева, вонреден професор на Природно-математички факултет говорејќи за родовата димензија во науката истакна дека девојчињата треба уште од мали да се охрабруваат да истражуваат. Според неа, културата на менторство треба да се издигне на многу повисоко ниво и како ментори на млади девојки во академска средина мора да бидат отворени во врска со предизвиците со кои се соочуваат жените во науката.

На хибридниот настан, учествуваа научнички кои дискутираа на повеќе теми осврнувајќи се на личните и професионалните предизвици со коишто се соочуваат, на влијанието на пандемијата Ковид-19 во нивната секојдневна работа, како и за вклученоста на научничките во високото образование и научната работа.

Тема на годинешниот виртуелен настан во Обединетите Нации за одбележување на шестиот Меѓународен ден на жени и девојки научнички е Надвор од границите: еднаквост во науката за општеството, со посебен фокус на вредноста на социјалните аспекти и културните димензии во науката, технологијата и иновациите за подобрување на програмите за одржлив развој.