Загуба од 18,5 милиони денари за АД Мода од Свети Николе

325

moda sveti nikole

Акционерското друштво за производство на конфекциски производи Мода од Свети Николе прикажа вкупна сеопфатна загуба од 18.511.000 денари во период од први јануари до 31-ви декември минатата година, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

“Остварената загуба е резултат на фактот што приходите од работење се намалени за 21,6%, додека во истиот период расходите од работење се намалени за само 6%. Ова главно се должи на намалените работни часови, поради нередовното снабдување со репроматеријали, особено во првата половина од годината и намалување на цените на извезените производи“, се вели во Образложението на остварените резултати објавено на Македонска берза.

Во истиот период во 2014 година, компанијата работеше со загуба од 15.491.000 денари.

Вкупните приходи од продажба на компанијата во 2015 година достигнаа 204.888.000 денари, од кои на домашен пазар се реализирани 25.926.000 денари, додека поголемиот дел од 178.962.000 денари се остварени на странски пазари.

Компанијата, во текот на 2015 година, оствари извоз на 991.176 машки кошули во вредност од 2,9 милиони евра, што е за 22,5% помалку во однос на 2014 година.

Вкупните приходи од продажба во 2014 година беа на ниво од 258.937.000 денари.

Остварената продуктивност изразена преку остварен девизен прилив на еден работен час е 3,68 евра и е, како што се наведува, послаба за 10% во однос на минатата година. Ваквото остварување, според Образложението, е резултат на намалениот обем на продуктивни часови, коишто во 2015 година изнесуваа 791.064 работни часови и се за 14% помалку во однос на 2014 година.