Руската суспензија на извозот на гас ќе ја чини Германија 12,7 отсто од БДП во втората половина од годината, покажуваат податоците презентирани од индустриското здружение vbw.
Руски Газпром ја намали испораката на гас за Германија преку гасоводот Северен тек 1 за 60 отсто поради, како што тврдат, доцнењето на опремата што ја испратија до Сименс на ремонт.
Поради намалените испораки, Германија најави втора фаза на подготвеност за кризата со снабдување, порачувајќи им на компаниите и на граѓаните дека мора да ја намалат потрошувачката, бидејќи приоритет е создавање залихи за зимата. За да се справи со можниот недостиг, владата, исто така, планира да воведе повеќе течен природен гас (LNG) за да ја направи помалку зависна од гасоводот.
Вкупно 1.003 терават-часови гас биле потрошени во Германија минатата година, а третина користела индустријата.
Половина од вкупно 41 милион домаќинства се греат на гас, а до почетокот на грејната сезона владата сака да ги наполни подземните складишта во кои можат да складираат количини доволни за два ипол месеци потрошувачка, до 80 проценти. Моментално се полни 60,3 отсто.
Баварската индустриска асоцијација vbw нарача истражување за да се утврди што би значело целосното суспендирање на руските испораки за најголемата европска економија.
Резултатите покажаа дека први на удар ќе бидат производителите на стакло, челик, хемикалии, керамика, храна и текстил, кои исто така најмногу ќе настрадаат.
Кога во пресметката се вклучени индиректните последици, на пример во синџирите на снабдување, проценетата загуба во создавањето вредност би можела да биде 193 милијарди евра во период од шест месеци, утврдија авторите на истражувањето.
„Ненадејниот прекин на увозот на руски гас значително би влијаел и на германската работна сила. Аритметички, последиците би влијаеле на околу 5,6 милиони работни места“, рече извршниот директор на vbw, Бертрам Бросард.