Загуби од 512 милиони денари во железничкиот транспорт и двојно помалку патници

7

Со физибилити студијата што ја најави Владата треба да се одредат следните чекори што ќе овозможат ефективно и ефикасно работење, како и квалитетна услуга за железнички транспорт на граѓаните преку ЖРСМ Транспорт, кое и минатата година забележа загуби во работењето. Возниот парк, според најавите, ќе се обнови со две локомотиви донација од Турските железници со кои се разгледуваат можности за соработка во делот на одржување на железничките возила.

Од железничкото претпријатие велат дека ја завршиле 2020 година со негативен резултат заради состојбата со Ковид-19. Нивните податоци покажуваат вкупна загуба од 512.123.000 денари. Во товарниот сообраќај претпријатието бележи загуби од 145 милиони денари, а во патничкиот од 45 милиони денари. Се надеваат дека ќе се надмине ситуацијата со Ковид -19 и ќе нема порестриктивни мерки што ќе влијаат на обемот на работа.

“Уште од поделбата на нашата компанија во 2007, на Инфраструктура и Транспорт, ЖРСМ – Транспорт А.Д ги има наследено сите долгови на компанијата и од тогаш не е во можност да функционира како што треба имајќи ги во предвид судските одлуки коишто произлегуваат како последица на неподмирени (стари ) долгови кон домашните компании и кон странски железници. ЖРСМ – Транспорт А.Д. оваа година ја заврши со негативен резултат заради ситуацијата со Ковид – 19. Нашите евидентирани податоци покажуваат загуба од 512.123.000 денари, а во 2019 година имаше загуба од 403.954.000 ден“, изјавија од ЖРСМ Транспорт АД.

Оттаму велат дека имаат негативно мислење околу можноста за приватизација, но потенцираат дека ЖРСМ – Транспорт А.Д е од значајна вредност за државата и како таква е со специјален општествен интерес.

Во постапка се за донација на две локомотиви од Турција, а потоа ќе следи и соработка со Турските железници (ТЦДД) за одделот влеча на возови и одржување.

Заклучно со ноември лани ЖРСМ Транспорт превезле 234.115 патници во внатрешниот патнички сообраќај, што како последица на ковид пандемијата е повеќе од двојно помалку споредено со 2019 година.

По регистрираните 39.628 патници во јануари 2020, 31.349 во февруари и 22.237 во март, поради пандемијата и воведени рестриктивни мерки, следеше значителен пад во април и мај, кога биле превезени вкупно 3.059, односно 9.317. Наредните месеци се бележи зголемување, односно во јуни се превезени 15.433 патници, во јули 20.242, август 21.803. Во септември 26.359, во октомври 25.327, во ноември 19.361 пренесува МИА.

Во 2019 година, железничкото претпријатие превезе вкупно 546.438 патници, а месечниот број тогаш тогаш се движеше меѓу 37.000 и 52.000. Приближна бројка беше регистрирана и во 2018 и изнесуваше 534.264.