Зајакнување на соработката меѓу Фондот за иновации и технолошки развој и ССК

22

fond-za-inovacii

Фондот за иновации и технолошки развој и Сојузот на стопански комори на Македонија ќе ја зајакнуваат соработката со цел зголемување на бројот на компании што ќе воведат иновации во работењето за што Фондот помага преку доделување финансии, јавува Миа.

Меморандум за соработка денеска потпишаа  Митко Алексов, извршен директор на ССК и Јасмина Поповска, директор на Фондот.

“Воведувањето на иновациите во рамки на работењето на македонските компании е од огромно значење во насока на зголемување на нивната продуктивност, конкурентност и квалитет што воедно им обезбедува и можност за влез и присуство на нови пазари, како и зголемување на својата препознатливост, креирање на сопствен бренд и остварување на поголем профит во рамки на своето работење“, рече Алексов.

Тој потсети дека изминатиов период, за своите членови организирале повеќе презентации за можностите за користење средства од Фондот за иновации. Оваа активност, како што рече, ќе продолжи со зголемен интензитет и во иднина.

Поповска нагласи дека за Фондот значајно е што повеќе претпријатија да аплицираат за средствата што се обезбедени, да воведуваат иновации и тие да бидат дел од нивното секојдневно работење.

“Фондот заедно со Сојузот на стопански комори на Македонија ќе организира обуки за членовите на ССК, за градење капацитети од областа иновациски менаџмент, како да воведат иновации, како да ги комерцијализираат иновациите и како да соработуваат со научно -истражувачките и високообразовни институции, од каде можат да добијат извор за подобрување на нивното работење“, потенцира Поповска.

Таа потсети дека е отворен повик за старт – ап и спин оф претпријатија, на кој Фондот доделува 450.000 евра. Досега Фондот објави два повика, а ова е трет отворен повик.

“Минатите повици исто така беа за старт – ап и спин оф претпријатија, но имавме и за комерцијализација и иновации кај микро, мали и средни претпријатија“, рече Поповска.