Законски измени за воспоставување поголем ред во такси превозот

26

16646-taxiСо цел да се добие што поквалитетен превоз за учениците и другите патници,се внесуваат новини во правилата за вршење посебен линиски превоз.

Дел од предложените измени и дополнувања на Законот за превоз во патниот сообраќај се воспоставување поголем ред во такси превозот, задолжително познавање основен англиски јазик за таксистите, категоризација на автобусите во меѓународниот превоз со еколошки стандарди за да не плаќаат високи патарини.

Доколку превозникот биде казнет двапати за непочитување на таа одредба ќе се донесе решение за трајно одземање на лиценцата за вршење такси-дејност. Ако се утврди дека не стои на такси-стојалиштето првиот пат глобата е 500 евра, а по повторување на прекршокот ќе следи уште една глоба од 500 евра и трајно одземање на лиценцата”, рече денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Такси-возилото, појасни Јанакиески, може да дојде на повик пред зградата или пред местото каде живее патникот или на кое друго било место каде се наоѓа патникот и да го земе, што значи дека патникот не треба да оди до најблиското такси-стојалиште. Исто така, може да се качи во такси-возило на кое било место каде е такси-возилото и да се симне на кое било место што го определил како крајна дестинација.

“Tакси-возилото треба да стои на стојалиштето само во случај кога е празно, односно без да има патници и без да има најавен повик дека треба да земе патник од некаде”, наведе Јанакиески.

Трошоците за учењето основен англиски јазик на таксистите, според Јанакиески, ќе ги покријат Министерството за транспорт и врски и општините. До 1 јануари 2017 година за секој такси-превозник ќе биде задолжително познавање основен англиски јазик за што ќе добие лиценца, а од 2019 година познавање еден степен повеќе.

“Таксистите ќе имаат период од три години за прилагодување на оваа новина. Министерството за транспорт во соработка со единиците на локална самоуправа во наредниот период ќе спроведат голем број обуки со цел да се понуди поквалитетен такси-превоз, пред се во туристичките центри како Скопје, Охрид, Струга…” , наведе министерот за транспорт.

Измените на Законот опфаќаат и дорегулирање на посебниот линиски превоз со кој превозниците или конзорциумот од превозници со кој ќе се склучи договор ќе го вршат превозот исклучиво со возилата со категорија што ги навеле при склучување на договорот. Проблеми досега се јавувале при превозот на ученици, кога превозниците на јавниот повик навеле дека ќе ги превезуваат со автобуси со ЕУРО4 или ЕУРО5 стандарди, но користеле автобуси со ЕУРО1 стандард.

Јанакиески најави и категоризација на автобусите за еколошки стандарди. При технички преглед и регистрирање на автобусите техничките станици ќе даваат и потврда за еколошки стандарди на возилото.

Категоризацијата, појасни, е барање на Здружението на превозници Исток, и со неа доколку автобусот е со категорија ЕУРО5 ќе се плаќа минимална патарина, а доколку е во пониските категории ќе се плаќа повисок износ.

Целта на измените на Законот е намалување на нелегалниот превоз и нелојалната конкуренција во овој сектор. Во последните 10 дена трајно се одземени 16 возила на превозници кои вршеле нелегален превоз, а од почетокот на годинава вкупно 98 возила. Со тоа, според ресорното Министерство, автоматски се зголемил бројот на продадени билети во автобуските станици, како и бројот на патници во железничкиот сообраќај.