Замокот Дракула во Романија нуди Pfizer вакцини без термин и бесплатна изложба

69

Посетителите на замокот на Дракула отсега можат да добијат вакцина против Ковид-19 откако на локалитетот во Трансилванија е поставен пунк за вакцинација, пренесува BBC.

За време на секој викенд во мај, секој може да се појави без закажан термин за да добие вакцина, а исто така ќе добие и бесплатен влез на изложбата на замокот со 52 средновековни инструменти за мачење.

Медицински сестри со стикери на своите униформи на кои се прикажани заби, ќе ги пречекуваат посетителите нудејќи ја вакцината Pfizer. Тоа е дел од владината намера да охрабри повеќе Романци да примат вакцина.

Романија регистрираше повеќе од милион инфекции од почетокот на пандемијата и скоро 29.000 смртни случаи.

Тамошната влада соопшти дека сака да вакцинира 10 милиони луѓе до септември, но скоро половина од Романците не сакаат да примат вакцина, со што влегуваат меѓу најколебливите во Европа, според истражувањето на Globesec.

Фото: Pixabay