
Вештачката интелигенција брзо напредува и веќе почнува да ги заменува канцелариските работни места на почетно ниво, што во наредните години би можело да пренасочи голем број млади работници кон градежништвото, сектор кој веќе има сериозен недостиг на работна сила.
Дипломите повеќе не гарантираат сигурна работа или висока плата. Ова го потврдува примерот на студент по историја од САД, кој платил околу 200.000 долари за четири години студирање на престижен универзитет, но по дипломирањето нашол работа – во градежна компанија, пишува „Гардијан“.
Градежната индустрија бара работници
Според податоците од Здружението на општи изведувачи на Америка, дури 92 проценти од градежните компании минатата година имале проблем со пополнување на работните места, додека 45 проценти од компаниите морале да одложат или запрат барем еден проект поради недостаток на работници. Овие податоци јасно укажуваат на огромната побарувачка во секторот.
Причините се повеќекратни. Со децении, младите луѓе избираат канцелариски работни места наместо физичка работа, додека во исто време голем број искусни градежни работници се приближуваат кон пензионирање. Околу 41 процент од сегашната работна сила во секторот ќе се пензионира до 2031 година, според проценките на Националниот центар за градежно образование и истражување.
Дополнителен проблем е построгата имиграциска политика, која го намали протокот на странски работници, на кои градежната индустрија во САД се потпира со години.
Платите растат, вештачката интелигенција нема одговор
Поради недостигот на работна сила, платите во градежната индустрија бележат силен раст. На проектите за изградба на центри за податоци, платите на работниците се зголемија до 25-30 проценти. Експертите предупредуваат дека со падот на каматните стапки и новите даночни олеснувања, побарувачката за градежни работници во САД дополнително ќе експлодира.
Според аналитичарите, младите луѓе веќе почнаа да ја препознаваат оваа промена. Градежнитештвото и занаетите нудат стабилни приходи и долгорочна сигурност, особено затоа што ова се области каде што вештачката интелигенција нема да може лесно да го замени човечкиот труд долго време.
Во свет каде што вештачката интелигенција сè повеќе ги презема рутинските канцелариски задачи, физичката работа и занаетите повторно стануваат привлечна и профитабилна опција за кариера, објавува BIZLife.











