Започна деветтото издание на Проектот Лидер

30

4f4886bf-3a98-47b7-8b2e-fa706aae4a9a

Во Скопје, по деветти пат, денеска започна Проектот Лидер организиран од Македонија2025 и ќе трае десет работни денови, од 9 до 20 мај. За време на предавањата Македонија2025 ќе организира дополнителни презентации и говори од реномирани бизнис професионалци кои се поврзани со организацијата, како и настани за вмрежување.

Лидер Проектот значи дека девет години, во Македонија, се одржува професионална бизнис едукација за нашите најпроактивни бизнис професионалци и претприемачи. Со над 200 алумни и со постојано проширување на соработката со други организации од регионот, Лидер поректот е највлијателниот тренинг за бизнис вештини кој некогаш се одржал во нашата земја. Инструктори од Бизнис школата Richard Ivey од Канада доаѓаат за да ги пренесат нивните најдобри теоретски познавања, совети и тајни од занаетот за водење успешен бизнис, стои во соопштението.

Голема придобивка за учесниците е тоа што со завршување на Лидер проектот тие стануваат дел од глобалната мрежа на алумни. Со вклучување на кандидати од Босна во 2016, како и од Србија во 2015 и со одржување на разновидност во листата на кандидати како одраз на културниот диверзитет во нашата земја, Лидер Проектот ѝ помага на Македонија да се поврзе со најмалку пет држави од регионот. Со оглед на тоа што денес бизнисот е глобален, бизнис професионалеците и претпиремачите мораат да гледаат надвор од границите на својата земја.

Впечатокот на минатогодишната учесничка на Лидер, Елена Ѓоревска, млад претприемач и ко-сопственик на домот за грижа на стари лица Идила Терзиева, го докажува влијанието на обуката. Елена изјави дека сега навистина го разбира значењето на изразот „Мисли надвор од шаблонот“. Освен тоа што запозна нови и интересни луѓе, претприемачи како неа, таа исто така научи голем број вештини кои се глобално применливи.

Лидер проектот е овозможен благодарение на соработката помеѓу Македонија2025, Бизнис школата Richard Ivey од Канада и Амбасадата на Канада во Србија, Македонија и Црна Гора. Оваа образовна програма е дополнително потпомогната и од приватни донатори од Македонија и македонската дијаспора, како и донации во продукти од партнерски компании и поддржувачи.

Македонија2025 е независна, невладина и непартиска организација со поддржувачи во целиот свет, која поврзува иницијативи, развива глобални партнерства и помага во развојот на економијата на Македонија.