Започна изградбата на ветерниот парк Богданци

19

18052013160816_wind-energyСо свеченото поставување на камен темелник викедов почна изградбата на паркот на ветерни електрани Богданци којшто е предвидено да почне да произведува електрична енергија во последниот квартал од годината.

Според првичниот план треба да бидат подигнати 16 ветерници со моќност од 36,8 мегават-часови и годишно производство од 100 гигават часови ветерна енергија. Со ова ќе се обезбеди струја за 15.000 домаќинства користејќи го единствено ветерот како погонска сила.

“Ваквата тенденција е неминовно потребна ако се имаат предвид високите цени на нафтата како енергенс, ограниченоста на природните енергетски суровини и делумно искористениот хидропотенцијал во земјава“, истакна премиерот Никола Груевски.

Како што истакна генералниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски, турбините што ќе бидат вградени во ветерниот парк се меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2,3 мегавати, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата 93 метри.

“Монтажата на овие ветерници ќе обезбеди вкупна инсталирана моќност од 36,8 мегавати со што ќе се заокружи првата фаза од изградбата на паркот. Локацијата нуди можност во иднина да се постават дополнителни ветерни турбини кои би го заокружиле проектот со инсталирана моќност до 50 мегавати“, рече Бошковски.

Дел од средствата за изградба на ветерниот парк Богданци се обезбедени преку кредит од Германската КФВ банка потпишан во април минатата година. За проектот чија вредност е 55,5 милиони евра КФВ обезбеди 32,9 милиони евра, а за останатите 22,6 милиони се сопствени средства на АД ЕЛЕМ.