Камен-темелникот на правата фаза од проектот Реконструкција на Коридор 8, делница Куманово-Бељаковце поставен е свечено во неделата кај Клечовскиот мост, во околината на Кумановско. Оваа делница е во должина од 30,8 километри, а инвестицијата е над 50 милиони евра.
Железничката делница од Куманово до Бељаковце претставува прва од вкупно трите делници на пругата од меѓународниот железнички Коридор 8, која треба да ја поврзува Македонија со Бугарија, почнувајќи од Куманово преку Бељаковце, Крива Паланка до Деве Баир, односно до бугарската граница.
На свеченоста присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, како и претставници на железниците и на ЕБРД.
Премиерот Груевски информираше дека овој проект предвидува целосна реконструкција на постојната пруга во должина од околу 31 километар, изградба на три железнички станици, шест стојалишта, повеќе надвозници и подвозници, изградба на мост над Пчиња, обновување на постојните мостови, инсталирање на кабелски водови, огради, заштитни бариери и нови сигнално сигурносни уреди.
Првата фаза од овој проект изнесува околу 46 милиони евра, втората 145 милиони евра, а за третата фаза ќе се користат средства од Европската банка за обнова и развој, од Европската инвестициона банка и од ИПА-фондовите на ЕУ.