Со симболично означување на тргувањето со удирање на ѕвоното во Македонската берза од страна на најдобриот ученик во Средното економско-правно училиште Васил Антевски – Дрен од Скопје, денеска ќе започне одбележувањето на Глобалната недела на пари во Македонија.
На учениците ќе им се овозможи да тргуваат на Виртуелната берза, а оној кој по еден месец тргување ќе постигне најдобар резултат ќе добие наградна бесплатна обука во Македонската берза за принципите на пазарите на капитал.
На настанот најавено е учеството на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, гувернерот на НБРМ Димитар Богов и главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје Иван Штериев.
Оваа година Глобалната недела на пари се одржува од 10 до 17 март и во неа учество ќе земат околу 2 милона деца од над 100 земји во светот. Тие ќе се вклучат во активностите кои ќе бидат организирани од над 500 институции и организации.