Започна реконструкцијата и рехабилитацијата на делницата Велес – Катланово

19

Почна реконструкцијата и рехабилитацијата на делницата Велес – Катланово од автопатот Александар Македонски во должина од 23,5 километри, инвестиција вредна 5,7 милиони евра, јавува Миа.

“Долгогодишното користење и големиот број поправки во минатото имаат оставено бројни лузни на патот и севкупно лоша слика за земјата. Реконструкцијата на овој патен правец беше повеќгодишно барање на нашите граѓани. Ние ветивме дека ќе го направивме патот и си останавме доследни на ветувањето“, рече премиерот Никола Груевски.

Тој рече дека активностите треба да завршат за една година, а самиот зафат ќе овозможи зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на оштетувањата на возилата, намалување на времето на патување, а тоа ќе престставува и плус за Коридорот 10 кој поминува низ нашата земја.

Тој потсети дека на Коридорот 10 во изминативе години во рамки на владините проекти изградени се делницата Табановце-Куманово, целосно е реконструирана делницата Катланово-Велес. Во моментов се гради автопатот Демир Капија-Смоквица, а за една годна се планира и реконструкција на делницата Смоквица – Гевгелија.

“Изминатите години главните вложувања на Владата во патната инфраструктура беа во изградба на нови регионални и локални патишта. Во овој мандат фокусот е ставен на изградбата на автопатите за коишто во изминатиот период се подготвуваше документатацијата за да се почне со нивна изградба. Се наоѓаме во екот на еден инвестициски циклус којшто надминува една милијарда евра од кои 790 милиони евра се за завршување на трите автопати Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Останатиот дел се регионални и локални патишта кои ќе бидат поддржани со средства од Светската банка и ЕБРД“, рече  вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Вкупно 85% од средствата за реконструкција на делницата Велес – Катланово во должина од 23,5 километри и вредност од близу 5,7 милиони евра се обезбедени преку грант од ИПА компонентата за регионален развој, а 15% се одвоени од Буџетот на државата. Предвидениот рок, согласно договорот за изведување на градежните работи со фирмата Трабак, изнесува 365 дена.

Претходно во 2012 година заврши целосната реконструкција на патниот правец од Катланово кон Велес.