Започна со работа кол центар на канадска компанија во Македонија

33

Кол центарот на канадската компанија One contact, започна со работа во Македонија, јавува Миа.

“Македонија има стабилна инфраструктура, безбедна е, има квалитетни ресурси, одлични можности за плата и прекрасен град во кој можете да работите и живеете. Во моментов во компанијата се вработени 25 лица кои работат во Кол центарот. До крајот на годината нивниот број треба да изнесува 50, а во иднина планираме над 200 вработени“, изјави Асиф Чаудари, директор на компанијата.

Тој информира дека во моментов процесираат половина милион повици преку нивниот систем, а се надева дека овој број ќе достигне милион следната година. Вработуваат лица кои го зборуваат течно англискиот или францускиот јазик.

Компанијата One contact, како што се наведува, е специјализирана во онлајн процесирање на податоци и други дигитални сервисни услуги. Преку својот услужен центар во Македонија првично ќе врши услуги за клиенти во Северна Америка, а поради специфичноста во часовните зони се отвора можност за нудење дополнителни услуги на нови клиенти во Европа што во иднина ќе овозможи и зголемен број на работни места.