Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што по негова иницијатива по четврти пат ќе се одржи во Охрид од 19 до 31 август.
На свечениот настан предвидено е обраќање на д-р Вацлав Клаус, поранешен претседател на Чешката Република, на г. Иво Шлаус, претседател на Светската Академија на науки и уметности и на д-р Зоран Илиевски, доцент на Правниот факултет Јустинијан Први при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
На првиот ден од Школата предавања ќе одржат д-р Вацлав Клаус и Н.Е. Цуи Живеи, Амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија.
Школата за млади лидери, која е идеја на претседателот Иванов и е воспоставена по неговото стапување на функцијата Претседател на Република Македонија, се одржува на годишна основа.
Со оваа школа им се овозможува на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Школата нуди предавања и обуки од областа на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
Меѓу предавачите на четвртата Школа за млади лидери се г. Доналд Дејв Мередит, канадски сенатор, г. Тафшир М. Авал, директор на Групацијата Мултимод од Бангладеш, г. Александре Севињи, Директор на постдипломски студии за комуникациски менаџмент на McMaster-Syracuse и McMaster University од Канада, г. Борис Поркович, Заменик претседател на Институтот за истражување на мали Европски држави од Монако, г. Доналд Стил и други.
Меѓу предавачите се и истакнати поединци и успешни лидери во компании и образовни институции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска, Босна и Херцеговина, Израел итн.
На годинешната школа гостуваат вкупно 30 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на обуката.