Започнува четвртиот Старт – ап викенд во Скопје

22

foto 1

Во Телеком Иновативниот Центар, во управната зграда на Македонски Телеком денеска започнува четвртиот Старт – ап Викенд Скопје 2015. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со локалната старт – ап заедница, да ги развиваат своите идеи, да добијат вредни награди и да се стекнат со огромно искуство и нови контакти.

Освен голема техничка опременост за реализација обезбедена од Македонски Телеком, што ќе го подобри искуството за учесниците и посетителите на настанот, тие ќе имаат и свои претставници во улога на судии и ментори, а најдобрите тимови ќе бидат наградени со Samsung таблети.

“Ние веруваме во иновативноста на македонскиот пазар и нашата определба е да бидеме силни поддржувачи на иновациите и новата технологија и тоа го докажавме со учеството во меѓународниот натпревар Business Wall of Fame, иницијативата Climate challenge камп, сега и со поддршката на Старт – ап Викенд Скопје 2015. Се надеваме дека со најдобрите ќе изградиме партнерски однос кој ќе донесе нови вредности и нов квалитет и ќе води до понатамошни придобивки како за деловниот сектор, така и за приватните корисници“, изјави Слободанка Јакимовска Јосифовиќ, директор на сектор за развој на деловни и ИКТ услуги и решенија.

Старт – ап Викенд е 54-часовен глобален настан каде се здружуваат програмери, менаџери, студенти, маркетинг експерти и млади претприемачи со цел да генерираат нови идеи за бизнис и да направат план како успешно да ги реализираат.

Старт – ап Викенд глобално има повеќе од 1.500 настани во повеќе од 660 градови во 120 држави, а ментори се локални и меѓународни стартап експерти. Секој настан во просек има 85 учесници, кои реализираат по околу 10 нови идеи. Настанот до сега има анимирано повеќе од 123.000 учесници на глобално ниво.

Трите најдобри тима Телеком ќе ги награди со таблети, а освен овие подароци победниците на Старт – ап Викенд Скопје ќе имаат можност да учествуваат на Spark.me конференцијата во Будва, DigitalK конференцијата во Софија и Startup Weekend Sofia.