Започнува најголемата инфо тура за претставување на туристичките атракции на Македонија

29

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија заедно со ЈСП Турс ја организира досега најголемата инфо тура со новинарски екипи од регионот. Повеќе од десет медиумски куќи од Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина специјализирани за туризам, во следните четири дена ќе ги посетат највпечатливите туристички атракции во Република Македонија.

Градот Скопје со  Старата Чаршија, Старата железничка станица, Спомен куќата на Мајка Тереза, црквите Св. Спас и Св. Димитрија, плоштадот Македонија, тврдината Кале, се само мал дел од локациите за првиот ден.

Вториот ден  е резервиран за црквата Св. Пантелејмон, Кањонот Матка со пештерата Врело, Националниот парк Маврово, манастирот Св. Јован Бигорски, Дебарското езеро, како и градовите Дебар и Струга, кадешто новинарите ќе имаат можност да ги видат природните убавини и да се запознаат со можностите за рурален, екотуризам и алтернативните форми на туризмот со кој овој дел на Македонија изобилува.

Во среда, новинарските екипи ќе заминат за Охрид, најпосетената туристичка дестинација кај нас. Освен градот и охридската ревиера тие ќе се запознаат и со другите природни и културни знаменитости, гастрономијата и мистиката која ја поседува овој град под заштита на  УНЕСКО .

Последниот ден ќе биде посетен градот на конзулите, Битола, и винскиот регион на Македонија со посета на винскиот пат и дегустирање на повеќе врвни сорти на македонски вина.

Овој тип на организирани инфо патувања е резултат на учеството на Агенцијата на промоција и поддршка на  туризмот во Република Македонија и туристичкиот сектор на регионалните саеми за туризам и овозможува преставување на македонските туристички потенцијали во повеќе од петнаесетина регионални медиуми.

Фото: Facebook