Zara профитира од азискиот пазар, H&M губи пари во Европа

24

Последниве денови двата водечки трговци со облека во светот ги објавија финансиските податоци, кои покажуваат дека шпанскиот Индитекс, сопственик на модната марка Zara, подобро ја поднесува моменталната криза.

Според податоците што ги објави шведскиот H&M, во ноември забележале пад на приходите од продажба за 1%. Сепак, финансиските резултати во периодот од септември до ноември покажуваат раст на приходите за 5%, на 32,5 милијарди шведски круни (4,88 милијарди долари).

Аналитичар кој сакал да остане анонимен изјавил дека стравувал дека резултатите ќе бидат значително полоши, бидејќи податоците од индустријата покажале 5% пад на продажбата на облека во ноември во Германија, инаку најголемиот поединечен пазар на шведската компанија.

H&M е втор по големина трговец со облека во светот, зад шпански Индитекс, а најголем дел од неговото работење отпаѓа на Европа, каде должничката криза и мерките на штедење ја придушија побарувачката.

За разлика од H&M, шпанскиот трговец ја препозна важноста за ширење на пазарите надвор од Европа. Индитекс извести дека нето добивката на компанијата за периодот од првите девет месеци пораснала на 1,65 милијарди евра, за разлика од минатогодишните 1,30 милијарди евра, токму поради ширењето на азискиот пазар. Продавниците во Азија на компанијата и донеле зголемување на приходите од продажба за дури 17%.

Освен Zara, Индитекс поседува уште седум брендови, вклучувајќи ги Massimo Dutti, Bershka, Pull&Bear и Oysho.