Заради заштита на здравјето да се намали употреба на денарска и девизна готовина

84

За намалување на ризиците од употребата на денарската готовина, воведовме зајакнати протоколи за постапување, коишто се однесуваат на редовно повлекување на банкнотите и монетите што се во циркулација и нивно чување во карантин пред повторното пуштање во промет, а воедно ги укинавме и провизиите коишто ги наплатуваме од банките за полагање и подигање денарска ефектива. Ваквата процедура ќе се почитува и од страна на банките со кои остваруваме активна комуникација со цел заеднички да обезбедиме сведување на ризиците од контаминација и пренесување на заразата преку готовината којашто е во оптек на најниско ниво.

Притоа, би сакале особено да посочиме на претпазливост при користењето на странската готовина (девизи) којашто е внесена од друга држава и носи висок ризик од пренесување на заразата. Препорачуваме неа да ја размените во овластените банки и менувачници, по што ќе се применат посебни мерки за постапување и со оваа готовина, за да се намали можноста за пренесување зарази преку овој канал.

Апелираме до сите граѓани да ги следат и да се придржуваат кон препораките од надлежните органи за да се справиме со настанатата состојба што побрзо и поефикасно. Како што е потврдено во многу случаи досега, превенцијата и соодветното следење на препораките се од клучно значење во справувањето со ваквите непогоди, стои во соопштението од Народна Банка на Република Северна Македонија.

Фото:Pixabay