Затишје пред бура – Инвеститорите се внимателни на Волстрит

Во вторникот на Волстрит се тргува претпазливо бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат премногу ризици пред извештајот за инфлацијата во САД, што би можело значително да влијае на насоката на пазарот во наредните денови. Dow Jones зајакна 0,29 отсто, на 33.684 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет, на 4.108 поени, а индексот Nasdaq ослабе за 0,43 отсто, на 12.031 поен.

На најголемата светска берза има претпазливост бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред американскиот извештај за инфлацијата, кој ќе биде објавен во четврток и кој би можел значително да влијае на насоката на пазарот. Во анкетата на Ројтерс, аналитичарите проценуваат дека во март потрошувачките цени пораснале за 0,2 отсто на месечно ниво и за 5,2 отсто на годишно ниво, што би било значително забавување во споредба со 6 отсто во претходниот месец.

Базичната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, според проценките би можела да се зголеми за 0,4 отсто на месечно ниво, а за 5,6 отсто на годишна основа, што би било мало забрзување во однос на 5,5 отсто еден месец претходно. Тој извештај ќе влијае на очекувањата на инвеститорите за каматните стапки на американската централна банка.

„Затишје пред бура“
Сега на пазарот на пари се проценува дека има 67 отсто шанси ФЕД да ги зголеми клучните каматни стапки за дополнителни 0,25 процентни поени на сесијата во мај, додека минатата недела тие шанси беа помали од 50 отсто.

Во вториот дел од трговската сесија, берзанските индекси вчера значително пораснаа, откако претседателот на филијалата на ФЕД во Чикаго, Остан Гулсби изјави дека централната банка треба да внимава да не ги зголемува каматните стапки премногу агресивно.