
Владата останува на ставот дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година. Оваа прогноза беше повторена при денешниот увид на градежните работи кај клучката Подмоље која треба да биде пуштена во употреба најдоцна до утре. Оваа клучка ќе овозможи безбедно поврзување на Охрид и Струга, но и на Македонија со Албанија.
Решаваме уште еден горлив проблем на изградбата на автопатот Охрид – Кичево. Тоа е пуштањето во употреба на клучката Подмоље, што го спојува Охрид и Струга, но и две држави Македонија и Албанија, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– Од денеска е функционална, што значи многу побрзо проток на луѓе и патници од Струга и од соседна Албанија кон Скопје, но исто така и многу побезбеден сообраќај, бидејќи ова беше точка каде што навистина имаше големи проблеми во минатото – изјави Николоски, кој присуствуваше на увид на градежни активностои на патот од Климештани до Охрид заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на ЈПДП Коце Трајановски.
За динамиката на изградба на патот, Николоски рече дека работат посветено.
– Во однос на динамиката на изградба на патот, ние сме на дневна основа, посветено работиме, директорот, јас сум тука секогаш кога можам. Премиерот будно следи и на дневна основа се координираме. Напредокот е добар, задоволни сме, имајќи ги предвид годините на застој, имаме добар напредок и за брзо време ќе имаме уште добри вести- најави Николоски.











