Заврши Балканската јуниорска олимпијада по информатика

29

unnamed

Од 17-22 септември, Македонија беше домаќин на 10-та Јуниорската балканска олимпијада по информатика за деца до 15,5 годишна возраст којашто се одржуваше во организација на Здружението на информатичари на Македонија, со поддршка на Министерството за информатичко општество и администрација и Семос Едукација како спонзор на олимпијадата. На Олимпијадата учествуваа ученици од сите земји членки на Балканската иницијатива: Македонија, Кипар, Словенија, Романија, Молдавија, Грција, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Најмладиот учесник на олимпијадата е ученик во Детскиот Едукативен Центар на Семос Едукација.

По повод затворањето на олимпијадата, во официјалниот дел кој се одржа во Иновативниот Центар на Телеком, беа доделени 4 златни, 7 сребрени и 11 бронзени медали. Марко Ќаласан, од репрезентацијата на Македонија, освои сребрен медал, додека Јосиф Тепеѓозов, Андреј Величковски, Даријан Шеќеров, Филип Шијаков и Мила Ќосева освоија бронзени медали. Најуспешен учесник на олимпијадата беше Молдавецот Габриел Којокару.

На  првопласираните, Семос Едукација им додели и четири ваучери за бесплатно тестирање за стекнување со официјални Microsoft сертификати од CertiAdria, кои може да ги полагаат насекаде низ светот.

“Семос Едукација со години наназад е голем поддржувач на младите таленти и на знаењето како и на сите манифестации каде знаењето може да дојде до израз”, изјави Валентина Тасева, директор на Семос Едукација која на олимпијадата ги додели сребрените медали.

“Не престанувајте да учите, не престанувајте да верувате во себе. Само на тој начин ќе постигнете успеси, ќе обезбедите убава иднина за себе и ќе придонесете за општеството во кое живеете”, додаде таа обраќајќи им се на учесниците.

На доделувањето на медалите се обратија и Панче Кралев – претседател на бордот на директори на Македонски Телеком и Миле Јованов – претседател на Здружението на информатичари на Македонија.