Заврши четвртиот циклус од Виртуелната берза

24

makedonska-berza-zvono1

На 30 јуни 2017 година заврши четвртиот циклус од наградната игра што се организира во рамките на едукативниот портал на Македонската берза Виртуелна берза. Овој циклус започна во октомври 2016 година и во наградната игра беа вклучени околу 200 учесници кои преку Виртуелната берза стекнаа практично искуство од тргувањето со хартии од вредност.

На секој регистриран учесник му беа доделени 500.000 денари виртуелни пари со коишто виртуелно се купуваа акции што котираат на Македонската берза по реални цени постигнати од тргувањето на Македонската берза. Покрај едукативниот карактер, оваа игра имаше за цел кај секој учесник да стимулира остварување на најголема вредност на своето портфолио.

По завршувањето на овој четврти циклус на Виртуелната берза, најуспешен учесник е Кирил Чатлески од Прилеп кој во текот на повеќемесечното виртуелно тргување успеа иницијално добиените 500.000 денари да ги инвестира во различни акции и играта да ја заврши со највисока вредност на своето портфолио од 4.388.557 денари. На второ место е Дејан Ефтимовски од Ресен со остварена вредност на портфолио од 3.669.440 денари, додека трет најуспешен учесник е Ристо Поп-Пецев од Струмица кој постигнал вредност од 3.251.002 денари на портфолиото.

Македонската берза на тројцата најуспешни учесници ќе им додели соодветни награди кои се состојат во годишна претплата на продуктот Бестнет за следење на тргувањето на Македонската берза во живо, посета на една од обуките во рамките на Тренинг центарот на Македонска берза (по избор на добитникот), доделување на Прирачник за тргување со хартии од вредност, како и можност за едномесечна пракса на Берзата доколку добитниците се студенти на додипломски или постдипломски студии.