Заврши Летната школа за електроника на ФЕИТ

3

skola 2

Теоретско запознавање и практично искуство со вградливи микрокомпјутерски системи е придобивката за сите слушатели (студенти и средношколци) на Летната школа Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи, која денеска заврши на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Според професор Јосиф Ќосев од Институтот за електроника при ФЕИТ и организатор на Летната школа, студентите практично имаа можност својата “замисла” да видат како функционира во пракса.

“Драго ми е што студентите, по завршување на испитната сесија, сепак доаѓаат на Летната школа. Имаме и средношколци учесници кои сакаат да научат за оваа област. Всушност, тие имаа можност теоретски да се запознаат со микрокомпјутерските системи и практично да ја реализираат својата замисла”, објасни професор Ќосев.

Интересот за оваа школа, според Ќосев, секоја година расте. Школата се организира по петти пат и во неа, годинава, учествуваат околу педесетина учесници. Еден од нив е и студентот на втора година на Инстутот за електроника при ФЕИТ, Добромир Алексиќ.

“Ова е соврешен начин да покажеме како и колку теоретски сме го совладале материјалот на Факултет и дека знаеме да работиме со микроконтролери. Веќе се чувствувам самоуверен да почнам и со самостојни проекти”, вели Алексиќ.

Неговиот колега, студентот Бојан Максимовиќ потврдува дека знаењето е моќ.

“На Школата работев на проект со миркоконтролери и автомобили. Ова е мојата идна професија – електрониката, поврзана со огромната љубов кон автомобилите. Иако е лето, се разбира, има време и за одмор, но ова е одлична можност да научиме нешто повеќе. Ќе бидам побогат доколу научам нешто ново”, објаснува Максимовиќ.

Летната школа завршува со награди за најдобрите студенти во различни категории.