Заврши жетвата на оризот во Кочанско

10

Поволните временски услови овозможија и преостанатите 10% од површините под ориз кои беа зафатени со дождовите и присуството на вода, да бидат ожнеани, пишува Миа.

Во Кочанско целосно се ожнеани 4.310 хектари под ориз, од кои 385 хектари беа во сопственост на земјоделските претпријатија, додека 3.925 хектари кај индивидуалните земјоделски производители.

“Жетвата целосно е завршена на општо задоволство на земјоделците од Кочанскиот регион. Просечните приноси се движеа од 5.600 до 5.800 килограми од хектар. Од насеаните 4.310 хектари во Кочанско добиен е род од 24.000 тони оризова арпа, што е во рамките на очекувањата“, рече Јордан Димитров, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани.

Што се однесува до откупот и преработката на оризовата арпа и белиот ориз, и покрај утврдените откупни цени со државата, преработувачите и откупувачите за 25 денари килограм арпа и 50 денари за килограм бел ориз, тие на терен не се почитуваат. Откупот се одвива инцидентно, а откупната цена за килограм бел ориз меѓу откупувачите изнесува 48 денари за килограм.