Се одржа завршната конференција во рамките на проектот Понатамошно усогласување со законодавството на ЕУ во областа на движењето на капиталот и плаќањата и финансиските услуги – пазари на хартии од вредност и инвестициски услуги, стои во соопштението на Народната банка на Република Македонија.
Овој проект започна во февруари 2015 година и беше финансиран преку инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (Instrument for Pre-Accession Assistance – IPA) во рамки на компонентата за Помош за транзиција и институционална надградба (Assistance for transition and institution building). Овој проект, којшто суштински се состои од две компоненти, првата за усогласување на националното законодавство со законодавството во ЕУ во областа на плаќањата, и втората којшто се однесува на усогласувањето на законодавството во областа на пазарот на капитал, како целина, има големо значење за централната банка. Резултатите од овој проект се три нови нацрт-закони (Закон за платежни услуги и системи, Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти за хартии од вредност и обврски за транспарентност за издавачите) и пакет подзаконски акти, во кои се транспонирани десет релевантни директиви на Европската Унија.
На завршната конференција на овој проект учествуваа претставници од Европската комисија во Република Македонија, од Министерството за финансии, од Народната банка на Република Македонија, од Комисијата за хартии од вредност и од домашниот финансиски сектор, како и консултантите носители на овој проект. Во рамки на Конференцијата се одржаа две панел дискусии. Првата панел дискусија беше на тема: Визијата 2020 на Евросистемот – Чекор напред кај малите плаќања, во која учествуваа странски експерти од областа на платежните услуги од Европската централна банка, од Централната банка на Холандија, од Мастеркард, а претседавач беше Петер Центрих, клучен експерт за компонентата за платежни услуги.
Втората панел дискусија беше на тема: Европската перспектива на пазарите на капитал во регионот и во неа учествуваа директорите и високите претставници од комисиите за хартии од вредност од регионот: од Хрватска, Словенија, Србија и Албанија, а претседаваше Александар Стојков, комисионер на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.