Зелената платформа на Светската организација за интелектуална сопственост

166

vrteleska

Фото: Pixabay

Имав потреба од добивање на повеќе податоци за “зелени технологии“ и природно се упатив на веб страницата на Светската организација за интелектуална сопственост (СОИС). Бев изненадена кога се запознав со интерактивната Зелена платформа на СОИС, која што е многу лесна за пребарување и нуди океан на информации поврзани со темата на интелектуална сопственост и зелени технологии. Поради тоа решив темата на оваа колумна да ја посветам на оваа платформа.

“Зелени технологии“

Зелени технологии се еко технологии, на начин дефинирани во Поглавје 34 на Агенда 21 (Акциона Програма на Обединети нации од Рио, 1992 год.). Зелените технологии „ја заштитуваат средината, помалку загадуваат, ги користат сите ресурси на поодржлив начин, го рециклираат повеќе нивниот отпад и нивните продукти, се справуваат со распадливиот отпад на поприфатлив начин отколку технологиите што ги заменуваат.“ Овде се вклучени “know-how, процедури, добра и услуги, опрема како и организациски и раководечки процедури.“

Зелена платформа на СОИС

Една од деветте стратешки цели на СОИС e “развој на интелектуалната сопственост во согласност со глобалните политички текови“. За остварување на таа цел, СОИС ја зајакнал својата експертиза по прашањата поврзани со глобални политики и интелектуална сопственост, со фокус на три светски предизвици: климатски промени, светско јавно здраство и безбедност на храна. Веќе во својата програма за 2012-2013 год., оваа организација си поставува за цел воспоставување на функционална платформа за отворена иновација и распростанување на зелени технологии. Така во ноември 2013 год. СОИС ја лансира и администрира бесплатната Зелена платформа.

Платформата овозможува спојување на оние кои имаат специфични потреби и оние што нудат решенија за зелени технологии. Тоа што е карактеристично за Зелената платформа на СОИС е што на едно место собира технологии во сите фази од нивниот развој, од истражување до маркетиншки продукти. Овие технологии може да се лиценцираат, продаваат и врз нивна основа да се формираат партнерства.

Членови на платформата

Членови на Зелената платформа на СОИС се Партнери, Корисници и Секретаријатот на организацијата. Партнерите се приватни или јавни институции што ја поддржуваат платформата и/или даваат совети, со што може да се олесни размената на информации и искуства или пак делуваат како регионални или национални фокални точки.

Корисници се јавни или приватни институции што прикачуваат технологии, идентификуваат потреби и/или даваат услуги. Корисници може да бидат мали и средни претпријатија, меѓународни организации, невладини организации, и истражувачки институции. Притоа тие мора да потенцираат која е зелената корист на одредена технологија. Откако ќе се регистрираат и по прифаќање на термините и условите на Зелената платформа, Корисниците може да прикачуваат технологии и/или да ги идентификуваат нивните потреби во базата на податоци или пак да ги наведат нивните услуги на ростер.

База на податоци на Зелената платформа на СОИС

Зелената платформа на СОИС има создадено богата база на податоци што секојдневно се ажурира и овозможува размена на информации и можни зделки помеѓу членовите. До базата може да се пристапи и без регистрација, но преку регистрација корисниците имаат поголем број на предности, како добивање на контакт детали и други информации за технологиите што се ставени во базата.

Во базата информациите поврзани со зелените технологиите и интелектуалната сопственост се поделени во шест категории:

  1. “Административни, регулаторни и дизајн аспекти“ – каде што може да се добијат податоци за технологии наменети за тргување со емисии и системи што обработуваат податоци;
  2. “Земјоделие и шумарство“ – каде што корисниците може да се информираат за понудувачите кои нудат алтернативи за пестициди и алтернативни системи за обработка на земјиште;
  3. “Алтернативно производство на енергија“ – каде се дава преглед на технологии поврзани со сончева, хидро, геотермална и ветровита енергија, био-горива, гасификација на биомаса;
  4. “Зачувување на енергија“ – што содржи листа на околу 200 продукти наменети за осветлување со мало користење на енергија, зачувување на електрична или термална енергија;
  5. “Транспорт“ – која дава листа на иновативни еко возила, возови, бродови; и
  6. “Управување со отпад“ – обемна категорија која набројува технологии за скалдирање и обработка на отпад, контрола на загадување и повторно користење на отпадни материјали.

Зелената платформа на СОИС е многу лесна за користење, пребарување и наоѓање на информации што ви се потребни. На пример само се едно кликање врз, до сега, најголемата категорија Алтернативно производство на енергија добивате над 1.100 резултати поврзани со зелени технологии. Со изборот на технологија имате податоци за карактеристиките на технологијата, кој ја поседува, линк до веб страница и дали може корисниците да ја купат оваа технологија, да ја користат преку лиценцирање, или пак да се вклучат во нејзино истражување и развој.

За да се склучи партнерство во областа на зелената технологија и воопшто за зделката да биде успешна, препорачливо е страните да добијат што повеќе информации за интелектуалната сопственост содржана во и поврзана со технологиите.

Така корисниците на платформата може да добијат податоци за услуги во областа на интелектуална сопственост или пак да се поврзат со базите на податоци за патенти, брендови, трговски марки и индустриски дизајни, сите администрирани од СОИС.

Се надевам дека читателите се убедија во оригиналноста и корисноста на Зелената платформа на СОИС и дека истата може да им послужи како алатка во нивната работа или секојдневието.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje