Земјава во кризна состојба еден месец

41

Советот за безбедност на денешната седница донесе заклучок на Владата да ѝ се предложи да прогласи кризна состојба на целата територија на Македонија во траење од 30 дена.

Според претседателот, Стево Пендаровски, откако ќе биде прогласена кризна состојба, тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи, посебно, даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции пред сè здравствените, од страна на армијата.

“Втората битна разлика е во законската можност Владата да управува со ресурсите на органите на државната управа, на јавните претпријатија, на општините и на градот Скопје, но, тука вклучувајќи ги и трговските друштва, во овој случај приватните здравствени установи. Овде сакам да појаснам, бидејќи имаше различни шпекулации на таа тема изминативе два дена, дека не станува збор за национализација на приватните болници, туку евентуално за управување со нив во битката против пандемијата, се разбира таму и во тој обем во кој Владата ќе процени дека е тоа неопходно. Инаку, знаете дека приватната сопственост е гарантирана со уставот и затоа тука не станува збор за национализација или некакво менување на сопственоста“, објасни Пендаровски.

Тој појасни уште една работа – воведувањето на кризната состојба на целата територија нема никаква врска со т.н. полициски час и евентуално воведување на рестрикции во движењето на граѓаните. Тоа е во надлежност, прво на Комисијата за заразни болести, потоа на централниот кризен штаб и се разбира на крај, на Владата, ако така процени дека е неопходно.