Земјоделците од Велешко вклучени во проект на USAID за експанзија на мали бизниси

18

Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со седиште во Велес, во соработка со USAID во Велешко започна со реализација на Проектот за експанзија на мали бизниси Да одгледуваме повеќе пченка, а во чии рамки USAID донира и систем капка по капка.

Градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев заедно со Марко Колев, директорот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион и директорот на проектот на USAID за експанзија на мали бизниси, Карл Ларкинс, вчера во велешкото село Горно Оризари ја посетија нивата на земјоделецот Ферхан Биберовиќ, кој има засадено пченка наводнувајќи ја со систем капка по капка.

Мартин Трајчев од проектот на USAID информира дека земјоделците аплицираат и на тој начин се вклучуваат во проектот кој досега според анализите дава резултати како зголемени приноси дури и четирикратно на зрно пченка.

“Одгледувањето на пченка во овој регион е ограничена и нашата цел беше да посочиме дека оваа култура може да даде резултат со користење на модерните технологии. Имаме одлична соработка како со Општина Велес, така и со Подрачната единица за развој на земјоделството и се надеваме дека ќе имаме и тука позитивни резултати, како и во другите региони“, потенцираше Трајчев.

Земјоделецот Ферхан Биберовиќ од велешко Горно Оризари вели дека е задоволен од системот капка по капка, сакал да проба и да види како ќе се спроведе на неговата нива засадена со пченка, затоа што бил известен дека во останатите региони имало огромен успех.

Инаку, проектот што во Македонија се спроведува веќе една година, според информацијата од USAID, претходно успешно се спроведуваше во полошкиот и пелагонискиот регион, каде се забележани солидни резултати.