Земјоделскиот институт во Кочани претстави производство на семенски материјал отпорен на климатски промени

36

Земјоделскиот институт при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје на полињата во кругот опитното одделение во Кочани денеска го претстави производството на семенски материјал со поголема отпорност на климатските промени.

Активностите се во рамки на регионалниот проект на ФАО за техничка соработка ”Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени”, при што акцент е даден на квалитетно семепроизводство за грав, пиперка и пченица.

На презентацијата на која присуствувааше и заменик министерот за земјоделство, Трајан Димковски, беше нагласено дека со поставување на демонстративни опити во регионите на Кочани и Скопје се оценува влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста.

“Науката има главна улога во развојот и унапредувањето на семепроизводството и добро е што токму институтите коишто се формирани со таа цел, ќе ја пополнат празнината меѓу научните истражувања и бизнис интересите. Кај нас, во изминатите години тоа беше запоставувано, а со сегашните активности, во кои реализиравме и доекипирање со млади стручни кадри на одделението на Институтот во Кочани, верувам дека резултатите ќе бидат позитивни, а сознанијата ќе бидат споделени и ќе се применуваат во практика“, истакна заменик министерот Димковски.

Директорот на Земјоделскиот институт, Виктор Ѓамовски и националната координаторка за семенски системи, Силвана Манасиевска Симиќ нагласија дека климатските промени во земјоделството имаат клучна улога и дека ако минатиот век се зборуваше за индустрискиот развој, карактеристика за овој век е борбата со влијанието на промените во климата и свесноста за зачувување на природата, а сè заради производството на храна.

Во рамки на проектот беа организирани бесплатни обуки за 45 индивидуални земјоделски стопанства, претставници од здруженија на земјоделци и земјоделски правни субјекти, на кои им беа доделени признанија за успешната соработка.

Целта на обуките беше да им се помогне на земјоделците да научат како да го прилагодат производството на климатските промени и да остварат оптимални приноси преку производство на квалитетен семенски материјал.