Земјоделските субвенции до 2016 ќе достигнат милијарда евра

32

Субвенциите за земјоделството до 2016 година ќе надминат милијарда евра. Поддршката континуирано се зголемува, следната година ќе бидат издвоени 140 милиони евра, а идните три се предвидуваат по 150 милиони евра. Заклучно со 2006 година Владата во аграрот досега вложи 637 милиони евра.

Земјоделците се задоволни од субвенциите. Според нив тие значително ја сменија состојбата. Овозможија попристоен живот, произведување храна и за извоз, враќање кон селата и руралните средини.

“За земјоделците доаѓаат подобри времиња. Субвенциите што почнавме да ги добиваме од 2006-та година донесоа преродба во аграрот. Тие што велат дека субвенциите за земјоделците се промашени пари, грешат. Парите кои ги добиваме значат многу, и за малите и за големите земјоделци. Служат за поголем развој, за поголемо производство”, вели претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.

Во споредба со лани, поддршката годинава е зголемена за пет милиони евра, додека во однос на 2005-та кога беа реализирани 7,6 милиони евра, ова е зголемување од 132,4 милиони евра.

Со зголемувањето на субвенциите, последните неколку години континуиран раст бележи и извозот на земјоделското производство, од 242 милиони евра колку што беше пред пет години, лани достигна рекордни половина милијарда евра.