Зголемен бројот на домаќинства што имаат пристап на интернет од дома

35

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2016 година, 75,3% од домаќинствата имале пристап на интернет од дома, што е за шест процентни поени повеќе во споредба со истиот период од 2015 година.

Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 69% во 2015 година на 74,7% во 2016 година. Речиси сите (99,2%) домаќинства со интернет пристап имале широкопојасно (фиксно или мобилно) поврзување на интернет.

Во првото тримесечје од 2016 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 72%, а 61% го користеле секој ден или речиси секој ден.

Мобилниот телефон или паметниот телефонот биле најкористени средства за пристап до интернет кај 81% од корисниците на интернет во овој период, а најмногу кај лицата на возраст од 15 до 24 години (92%). Вкупно 77% од корисниците на интернет во овој период употребиле мобилен телефон или паметен телефон за пристап на интернет надвор од дома или од работа. 19,3% од лицата кои кога било употребиле интернет, нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци, а мнозинството (55%) од нив купиле облека или спортска опрема.

Речиси половината (49%) од корисниците на интернет во последните 12 месеци немаат дадено лични информации на интернет, додека најдавани лични информации онлајн се податоците за контакт (37%) и личните податоци како име, дата на раѓање, број на лична карта (33%).