Зголемен бројот на патници на двата аеродрома во Македонија

20

На двата аеродрома во Македонија, во период од јануари до август оваа година во споредба со истиот период лани, е забележан зголемен број на превезени патници, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Во овој период од двата аеродроми во Република Македонија – аеродромот Александар Велики во Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, превезени се вкупно 1.021.713 патници, додека во истиот период минатата година биле превезени вкупно 863.716 патници што претставува зголемување на бројот на превезени патници од 18,3 %.

На аеродромот Александар Велики во Скопје, во периодот од јануари до август 2015 година регистрирани се вкупно 948.998 патници, што во споредба со истиот период од минатата година кога биле превезени 812.426 патници се забележува зголемување од 16,8 %.

На аеродромот Св.Апостол Павле во Охрид исто така се забележува зголемување на бројот на патници за периодот јануари – август 2015 година. Оваа година превезени се 72.715 патници, додека во истиот период 2014 година биле превезени 51.290 патници.

Врз основа на реализација на сообраќајот, најзастапени дестинации според бројот на патници за периодот јануари – август оваа година се: Истанбул 14,5 %, Цирих 9,1 %, Виена 7,1 %, Малме 5,9 %, Базел 5,4 % и Лондон со 5,2 %.

Од оваа година се воведоа директни линии за пет нови дестинации до европските градови и тоа: Oд аеродромот Александар Велики во Скопје до Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридихшафен и тоа два пати неделно.

Од аеродормот Св. Апостол Павле од Охрид се воведе директен лет до Базел, исто така, два пати неделно.