Зголемен индикаторот на доверба во градежништвото

12

Според оценката на раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото, индикаторот на доверба во четвртото тримесечје од 2016 година е зголемен за 0,2 процентни поени во однос на претходното тримесечје, а е зголемен за 2 процентни поени во однос на истото тримесечје од 2015 година.

Очекувањата за вкупните порачки (договори) за градежни работи се поповолни, а очекувањата за бројот на вработени се дека ќе се намали во наредните три месеци.

Оценката за економската состојба во четвртото тримесечје од 2016 е поповолна во однос на претходното тримесечје, а поповолна е и во однос на четвртото тримесечје од 2015 година. Оценката за сегашната состојба со порачки (договори) на нивните деловни субјекти е речиси на еднакво ниво како во претходното тримесечје, а оценката за финансиската состојба е понеповолна во споредба со третото тримесечје од 2016 година.

Во наредниот период се очекува продажните цени да се намалат, a бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата во четвртото тримесечје од 2016 година се над нормалата.

Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: зголемени трошоци за материјали со 18,9%, зголемени финансиски трошоци (камати) со 14,8%, конкуренција во сопствениот сектор со 12,5% и нема побарувачка со 12,5%.