Зголемен индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јуни

6

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јуни 2016 година е за 0,8 процентни поени зголемен во однос на претходниот месец, а во однос на јуни 2015 година е зголемен за 5,6 процентни поени, стои во соопштението на Државниот завод за статистика.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јуни 2016, во однос на мај 2016 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се дека ќе се зголеми, а залихите на готовите производи се намалени.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во јуни 2016 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а многу поповолна во однос на јуни 2015 година. Оценката за бројот на вработени е дека ќе се зголеми.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јуни 2016 година изнесува 64,6% од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 23,7%, недоволната домашна побарувачка со 16,6%, недостигот на квалификувана работна сила со 14,1% и финансиските проблеми со 9,4%.