Зголемен индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во септември

18

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачка индустрија во септември 2015 година е за 0,6 процентни поени зголемен во однос на претходниот месец, а во однос на септември 2014 година е зголемен за 6,2 процентни поени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во септември 2015, во однос на август 2015 година, е поповолна, како и очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци, а залихите на готови производи сe намалени.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во септември 2015 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а како поповолна е оценета и во однос на септември 2014 година. Истото се однесува и на оценката за бројот на вработени.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во септември 2015 година изнесува 63,9% од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 24,6%, недоволната странска побарувачка со 23,8%, недоволната домашна побарувачка со 23,5% и финансиските проблеми со 5,3%.