Зголемен индикаторот на доверба во трговијата на мало во третото тримесечје

25

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во трговијата на мало во третото тримесечје е зголемен за 0,1 процентен поен во однос на претходното тримесечје, а за 1,4 процентни поени е зголемен во однос на истото тримесечје од 2014 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Eкономската состојба на деловните субјекти во третото тримесечје од 2015 година е речиси на еднакво ниво како во претходното тримесечје, а е поповолна во однос на третото тримесечје од 2014 година. Се очекува дека ќе биде поповолна во наредните две тримесечја.

Количината на залихите е зголемена во однос на претходното тримесечје. Финансиската состојба во третото тримесечје од 2015 година е поповолна во однос на второто тримесечје од 2015 година, оценката за очекуваните порачки за наредниот период е дека ќе се намалат, а очекувањата за бројот на вработените се дека ќе се зголемат.

Продажните цени во третото тримесечје од 2015 година се исти како и во претходното тримесечје од 2015 година, а очекувањата за продажните цени во наредните 3 месеци се дека ќе се зголемат.

Најголемо влијание на ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на третото тримесечје од 2015 година имале: слабата побарувачка на купувачите со 23,1%, добивањето на банкарски кредити со 15,1% и зголемената понуда на пазарот со 13,4%.