Фото: Pixabay
Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во трговијата на мало во четвртото тримесечје од 2018 година е за 0,3 процентни поени повисок во однос на претходното тримесечје, а e зголемен за 0,7 процентни поени во однос на истото тримесечје од 2017 година.
Eкономската состојба на деловните субјекти во четвртото тримесечје од 2018 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а e поповолна и во однос на истото тримесечје од 2017 година. Се очекува да биде поповолна и во наредните две тримесечја. Количеството на залихите е намалено во однос на претходното тримесечје.
Финансиската состојба во четвртото тримесечје од 2018 година е поповолна во однос на третото тримесечје од 2018 година, како и оценката за очекуваните порачки за наредниот период. Очекувањата за бројот на вработените се дека тој ќе се зголеми.
Продажните цени во четвртото тримесечје од 2018 година се намалиле во однос на претходното, а се очекува нивно намалување и во наредните три месеци.
Најголемо влијание врз ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на четвртото тримесечје од 2018 година имале: слабата побарувачка од купувачите со 19,6%, зголемената конкуренција на пазарот со 18,6%, недостигот на обучен кадар со 14% и зголемената понуда на пазарот со 13%.