Зголемена ликвидноста на банкарскиот систем во март

22

Според оперативните податоци за тековите на ликвидност, ликвидноста на банкарскиот систем во март се зголеми. Монетарните инструменти придонесоа за креирање ликвидност, при што промената произлегува од понискиот износ на пласмани на банките во краткорочните депозити, односно во депозитите преку ноќ, при непроменета состојба на благајничките записи, покажуваат најновите макроекономски показатели на Народна банка.

Автономните фактори на нето-основа исто така беа ја поддржаа ликвидноста, што главно беше резултат на промената кај трансакциите на државата, додека готовите пари во оптек придонесоа за намалување на ликвидноста.

Вкупните депозити во финансискиот систем, во февруари, остварија умерен месечен раст од 0,9%, по сезонскиот пад во претходниот месец. Од секторски аспект, растот на вкупните депозити речиси во целост е резултат на зголемувањето на депозитите на домаќинствата, при умерен раст и на депозитите на претпријатијата.

Од валутен аспект, месечниот раст на вкупните депозити е резултат на зголемувањето на денарските депозити (во целост како резултат на растот на депозитните пари), при умерен раст и на депозитите во странска валута. Вкупните депозити во периодот јануари-февруари забележаа зголемување во однос на крајот на декември 2020 година, што е во рамките на растот очекуван за првиот квартал од годината, согласно со октомвриската проекција. Годишната стапка на раст на вкупните депозити во февруари изнесува 6,9% и е повисока во однос на годишниот раст проектиран за крајот на првиот квартал од 2021 година (од 5,2%).

Од секторски аспект, растот речиси подеднакво е резултат на зголемувањето на депозитите на домаќинствата и претпријатијата. Од валутен аспект, растот пред сè произлегува од денарските депозити, односно од депозитните пари, при солиден раст и на депозитите во странска валута.

Депозитите на домаќинствата во февруари остварија месечен раст од 1,3%, којшто произлегува од денарските депозити (речиси во целост од депозитните пари), при умерен раст и на девизните депозити. Од рочен аспект, придонес кон растот на депозитите на домаќинствата имаат краткорочните депозити, при речиси непроменети долгорочни депозити. На годишна основа, растот на депозитите на домаќинствата во февруари изнесува 5,2%.

Учеството на денарските депозити (со депозитните пари) во вкупните депозити на домаќинствата на крајот на февруари изнесува 52,9% и е малку повисоко во однос на претходниот месец (од 52,5%).

Вкупните кредити во февруари остварија умерен месечен раст од 0,4%, по минималниот пад во претходниот месец. Од секторски аспект, зголемувањето пред сè е резултат на кредитите на домаќинствата, при истовремен раст и на кредитите на претпријатијата.

Во однос на валутната структура, растот во поголем дел е резултат на кредитите во домашна валута, при раст и на кредитите во странска валута. Во периодот јануари-февруари, вкупните кредити остварија раст, што е во рамките на зголемувањето очекувано за првиот квартал на 2021 година, согласно со октомвриската проекција. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во февруари изнесува 4,4% и засега е поумерена од стапката на раст од 5,5% проектирана за првиот квартал на 2021 година, согласно со октомвриската проекција.

Од секторски аспект, растот во поголем дел произлегува од кредитите на домаќинствата, при позитивен придонес и од кредитите на претпријатијата. Во однос на валутната структура, поголем придонес во годишниот кредитен раст имаат кредитите во домашна валута, при позитивен придонес и на кредитите во странска валута (вклучително и денарските кредити со валутна клаузула). Годишниот раст на кредитите на домаќинствата во февруари изнесува 7,2%, при раст и на станбените и на потрошувачките кредити.

Фото: Pexels