Зголемено производство на електрична енергија во ХЕЦ Шпилје

21

Во ХЕЦ Шпилје во првата половина од оваа година се произведени 187 милиони киловат часови, што е 20% повеќе во однос на тој период минатата година, пишува Миа.

Од ХЕЦ Шпилје наведуваат дека оствареното производство претставува 62% од вкупниот план за 2015 година, кој согласно со енергетскиот биланс е над 300 милиони киловат час електрична енергија.

Оттаму сметаат дека тоа е резултат на поволната хидрологија на дебарското сливно подрачје, кое ги опфаќа реките Радика и Црн Дрим, како и навременото и успешно реализирање на планираните ремонти и ревизии на електромашинската опрема.

Средниот доток на вода во акумулацијата Дебарско Езеро изнесува над 40 кубни метри вода во секунда, а во акумулацијата има резерва на вода за производство на 30 милиони киловат часови електрична енергија.

ХЕЦ Шпилје, која работи според потребите на енергетскиот систем, во просек годишно произведувала по над 270 милиони киловат часови електрична енергија.

Историски рекордно производство е забележано пред пет години кога беа произведени над 500 милиони киловат часови поради хидролошки богатата година, што, според стручните лица се случува еднаш на 100 години.