Железницата до јули со нови 75 вагони

50

Железницата до крајот на јули 2014 година ќе ги добие првите 75 нови товарни вагони. Владата преку проект на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) нарача два типа на вагони. Првите се 150 товарни вагони од кои 75 затворени и 75 плато вагони. За нив минатата година во декември е склучен договор и првите вагони треба да стигнат во јули, а сите останати до декември годинава. Инвестицијата во делот на товарните вагони изнесува 13,2 милиони евра.
Втората група на вагоните се во делот на патничкиот сообраќај каде треба да се набават шест композиции составени од локомотива и вагони за по 1.200 патници. Од нив четири се со дизел локомотиви, а две на електричен погон во вредност од околу 24 милиони евра. Постапката за набавка е во тек и се одвива преку ЕБОР со која ќе се заокружи финансиската конструкција.
Во март годинава се планира да се склучи договор со компанија која би ги произвела и доставила шесте нови композиции за околу 18 месеци. Со тоа ќе се замени околу 60% од возниот парк на патничкиот железнички сообраќај во Македонија.