Редовните железнички линии за товарен транспорт од Македонија кон Солунското пристаниште треба да стартуваат во март 2014. Според соопштението на управниот директор на пристаништето, Стилиано Агелудис, ова е приоритет што македонските компании мора да го земат предвид.
“Воведувањето на редовните железнички линии, што е договорено на средби со надлежните од институциите во двете држави, ќе ги намали транспортните трошоци, а тоа очекуваме да го зголеми транспортот”, истакна Агелудис на прес-конференција по презентацијата во Стопанската комора на Македонија.
Тој при тоа потенцираше дека морскиот и железничкиот сообраќај се најевтини. Комбинацијата од овие два може да ги намали трошоците за 20% до 30%. Според него, за осовременување на Солунското пристаниште се вложени 30 милиони евра, а ќе се инвестираат уште толку во нова опрема, машини, багери, вилушкари. Пристаништето работи постојано, 24 часа, а цените на услугите воопшто не се променети изминативе години и покрај економската криза.
“Од овие причини сме најконкурентни од Трст до Бургас и од Драч до Пиреа, посочи директорот. Минатата година вкупниот транспорт преку Солунското пристаниште бил 2,163 милиони тони рефус товари или преку 23.000 контејнери, што е 13,35% зголемување во однос на претходниот период”, додаде Агелудис.
Тој информираше дека соработката со македонските компании се интензивира и дека се надминати претходно детектираните проблеми што ги предизвикаа непостојаното функционирање на царината и штрајковите во 2008 година.