Жените доминираат со скратено работно време во ЕУ

60

Уделот на жените кои работат со скратено работно време, од вкупниот број на вработени жени во ЕУ на возраст од 15 до 64 години, во третиот квартал од 2022 година, е поголем од уделот на мажите (28 наспроти осум проценти). Во исто време, жените имаат најголем удел во сите категории на занимања, покажуваат податоците на Заводот за статистика на Европската унија (Евростат).

Во третиот квартал од минатата година, 48 отсто од жените биле вработени со скратено работно време во основните занимања наспроти 19 отсто од мажите. Оваа категорија, која првенствено се однесува на асистенти, чистачи или помошници за подготовка на храна, покажа најголема разлика меѓу учеството на жените и мажите кои работат со скратено работно време (29 процентни поени).

Потоа следат работниците во сервис и продажба (35 проценти од жените наспроти 15 проценти од мажите) и техничари и стручни соработници (26 проценти наспроти седум).

Најмалата разлика меѓу учеството на работниците со скратено работно време меѓу вработените жени и мажи е забележана во категоријата менаџерски занимања (10 отсто жени наспроти три отсто мажи) и оператори на погони и машини (13 наспроти пет).

На ниво на земји-членки, жените имаат најголем удел меѓу работниците со скратено работно време во вкупниот број вработени на возраст од 15 до 64 години во сите земји на ЕУ, освен во Романија каде што учеството на мажите е поголемо (четири проценти од мажите наспроти три проценти на жени). Во Бугарија, уделот на жените и мажите кои работат со скратено работно време е многу сличен.

Холандија забележа најголем удел на жени кои работат со скратено работно време, со 63 проценти од вкупната вработеност наспроти 24 проценти од мажите, што е најголема разлика во работниот ангажман меѓу жените и мажите во ЕУ (39 п.п.).

Други земји-членки кои забележаа најголеми разлики меѓу жените и мажите се Австрија (39 п.п.) и Германија (37 п.п.).

Родовиот јаз во приходите е помал во руралните средини

Во Европската унија, родовиот јаз во нето приходот беше близу пет проценти во текот на последната деценија. Во 2021 година, просечниот приход на мажите бил 18.774 евра годишно, што е за речиси 800 евра повеќе од оној на жените (17.972 евра).

Во 2021 година, со оглед на разликите во степенот на урбанизација, родовиот јаз во ЕУ во однос на нето приходот беше помал меѓу луѓето што живеат во руралните области отколку оние што живеат во градовите (четири наспроти 4,8 проценти).

На национално ниво, родовите разлики во приходите беа поголеми во урбаните отколку во руралните области во 13 земји-членки, при што Литванија и Малта имаат најголеми разлики во однос на степенот на урбанизација: 8,5 и 7,3 процентни поени.

Помеѓу 14-те земји каде разликите во приходите беа поголеми во руралните области отколку во градовите, Австрија (5,3 п.п.) и Италија (4,2 п.п.) имаа најголеми родови јазови во приходите во урбаните и руралните средини.

Фото:Freepik