Жените доминираат во медиумите, но не на раководни позиции

44

Во медиумите немаме голем родов јаз, иако генерално платите се ниски и треба да се работи на подобрување на состојбата во целиот медиумски сектор. Новинарките доминираат во медиумите, иако на раководните позиции сè уште поголемиот дел се мажи, додека мала е разликата во уредничките позиции, пренесува МИА.

Во техничкиот и реализаторскиот кадар повеќето се мажи. Со вакви плати прашањето е како може да се говори за истражувачко новинарство односно за добро новинарство. Состојбата во новите медиуми и портали е уште полоша, она што остава силен впечаток е катастрофално ниското ниво на вреднување на новинарскиот труд, а тоа само по себе ја покажува состојбата на новинарството моментално во нашата државата, особено во локалните и регионалните медиуми.

Ова се дел од заклучоците од денешната дебата Род, плати и радиодифузија, посветена на родот како аспект на медиумската писменост, во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски во обраќањето информира дека почнувајќи од 2012 година Агенцијата редовно спроведува анализи на третманот на родовите прашања и начинот на прикажување на жените и на мажите во програмите на радиодифузерите, а наодите од нив, потенцира, се далеку од задоволителни.

Звездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници состојбата во медиумите ја нарече миграција на моќ и на капитал или на моќ и пари.

“Новинарството стана професија од немајкаде, резервна професија за луѓето кои повеќе нема каде да одат, па ќе се сложат некое кусо време да поработат во новинарство колку да се снајдат на некоја ПР позиција или како кој може. Како синдикат имаме пријави од колешки и тука нападите се сексистички, многу често се однесуваат на брачниот статус на колешката, навредливи тонови, како распуштеница или слично, што во средините каде работат, не се санкционира на никаков начин. Најчесто доаѓаат од луѓето кои треба да ги санкционираат таквите појави, директорите, главните уредници, што е проблем што за нас е нерешлив. Ние даваме претставки до тие медиуми, но се жалиме до човекот кој ги извршува тие дејствија. Тоа значи дека прилично нема соработка и не можеме да очекуваме некакво подобрување“, истакна Георгиевски од Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници.

Верче Костовска од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) нагласи дека загрижувачки е трендот од 2020 година, нападот кон жени новинарки е зголемен, се работи повеќе за онлајн закани. Досега се регистрирани 14 напади врз новинари, од кои девет се врз жени.

Од општата положба на новинарите во редакциите, посочуваат од ЗНМ, положбата на жени и мажи не се разликува многу, а во ЗНМ засега немаат податоци за тоа колку новинари и новинарки имаат потпишано работни договори, но се смета дека работодавачите кога станува збор за новинарки вработени на неодредено време, генерално ги почитуваат основните права на жените пропишани со закон.

“Сепак има медиуми, кои на новинарите и на новинарките не им исплаќаат празнични денови, работа за време на викенди и прекувремени часови“, вели претставничката од ЗНМ. Додаде дека генерално можностите на жените да се развијат како професионални новинари, како што рече, не се многу помали, во споредба со нивните колеги новинари.

Виктор Стојанов, соработник во Агенцијата, ја презентираше направената прва анализа на Агенцијата за родовата структура на платите на медиумските работници, за што биле побарани податоци за 14 различни категории на плати во МРТВ и 46 други телевизии и 64 радија на национално, регионално и локално ниво. Фактот што две третини од новинарите и новинарките во националните телевизии имале примања кои не им обезбедуваат финансиска независност, ја отвора дилемата, потенцира Стојанов, дали може да очекуваме тие да бидат независни и да не бидат подложни на влијание од разни центри на моќ.

“Во однос на родовиот јаз од приложените податоци, не може да се забележи различно вреднуван труд за истиот ангажман. За разлика од националните телевизии и јавниот сервис, бројот на новинарки 37, не бил многу поголем од бројот на новинари 30, кои работат во регионалните телевизии. Заедничко е тоа што сите имале ниски примања, дури 76% имале плати под 16.000 денари“, рече тој.

Марина Трајкова говореше за третманот на родовите прашања во вестите и националните телевизии, при што наведе дека може да се заклучи дека од родовите анализи на вестите на телевизиите од 2012 до 2017 година покажуваат дека квантитативните и квалитативните анализи на прилозите во кои се обработуваат родовите прашања, го исфрлиле на површина трендот на намалување на бројките на вакви прилози кај секој од анализираните медиуми, а темите кои можат да бидат обработувани од родов аспект не биле препознаени од новинарите и новинарките, како и од ТВ куќите.

Ѓултен Мустафова од Министерството за труд и социјална политика во дебата меѓу другото нагласи дека медиумите имаат критична важност во едно демократско општество, затоа што тие како креатори на јавното мислење помагаат во креирање или рушење на одредени стереотипи и предрасуди, а знаеме, подвлече, дека за жените има многу стереотипи и предрасуди, а тие се пред се дел од нашето секојдневие. Од тие причини, потсети, во изминатите години се преземени чекори во правец на соодветно претставување на жените во медиумите, пренесе МИА.

Фото: Freepik