Житариците на светските берзи поевтинија за осум отсто

70

Цените на житарките паднаа минатата недела на најниско ниво во последните седум месеци, речиси 30 евра за тон или осум отсто.

Овој тренд е поттикнат од растот на извозот на жито од Украина, пренесува Мина. Имено, од договорот за коридорот за испорака, од таа земја се испорачани повеќе од 622.000 тони, што е голем притисок врз светските цени на житото.

Американското Министерство за земјоделство (USDA) го проценува украинскиот извоз за сезоната 2022/23 на 30,4 милиони тони, што е значително повисоко од јулската прогноза од 22,6 милиони тони.

Цената на пченицата на европскиот фјучерс пазар минатата недела падна на нешто помалку од 314 евра за тон за првиот септемвриски договор.

На берзата во Хамбург лебната пченица во четвртокот чинеше 317 евра за тон, а понудите за добиточен јачмен беа 290 евра за тон. Во француското извозно пристаниште Руан цената на пченицата беше 314 евра за тон, а јачменот 272 евра за тон.

На овој тренд, освен зголемениот извоз на Црното Море, влијае и прогнозата за високите култури во Русија и Индија, оценуваат аналитичарите.

Имено, руската консултантска компанија SovEcon ја зголеми прогнозата за родот на пченицата за оваа година на 94,7 милиони тони од претходно очекуваните 90,9 милиони тони. Прогнозата е зголемена поради рекордно високите сегашни приноси на пченица во многу региони и подобрата состојба на пролетната пченица по дождовите што паднаа во претходните недели.