Во рамки на кампањата „Храна подарена од срце“, компанијата Жито Лукс во текот на целата година е донатор во неколку институции за згрижување на социјално ранливите категории.
Кампањата „Храна подарена од срце“ е одговор на потребата од донации на основниот прехранбен продукт за социјалните институции и установи. Интернатот за деца од социјално загрозени семејства Гоце Делчев во село Љубанци е една од Институциите кои се дел од оваа кампања.
„Љубовта, вниманието и почитта се главни нешта кои секојдневно им ги подаруваме на нашите деца. На овој начин, покрај грижата која им ја пружаме, истовремено и претставуваме пример за нив и за тоа како тие треба да се однесуваат кон своите блиски. Интернатот за згрижување на деца од социјално загрозени семејства е токму институција која им ги пружа овие нешта на децата сместени таму. Но тие имаат недостаток од други, материјални средства, и токму затоа сме тука ние како граѓани, родители, но и како компании, кои со мала заложба може да пронајдеме различни начини да им помогнемe на лицата во неволја, како и на институцииите кои неуморно работат на згрижување на социјално загрозените граѓани“, изјави Лидија Трајковска Ристовска, маркетинг менаџер во Жито Лукс АД Скопје.
Донацијата на Жито Лукс се состои од продукти на компанијата кои ќе ги задоволат месечните потреби за леб и брашно на интернатот.
“Во Интернатот посветуваме големо внимание на нега и грижа на децата кои престојуваат тука, а спаѓаат во социјално ранливи категории и секоја помош е добредојдена. Насмевката на децата е бесценета кога ќе видат дека се подготвени нивните омилени јадења од највкусното брашно: пица, мекици, кифлички. Би сакале да изразиме голема благодарност до Жито Лукс за нивната несебична помош и поддршка и да ја поздравиме идејата на оваа кампања”, изјави Силвана Терзиева, директор на Интернатот.
Кампањата „Храна подарена од срце“ се одвива во континуитет при што компанијата избира различни институции и установи каде што потребата од помош и донација е најактуелна и најпотребна.
Оваа акција е само една од големиот број на активности кои ги организира Жито Лукс, со цел подобрување на квалитетот на животот на социјално ранливите категории. Преку спроведувањето на оваа кампања, компанијата истовремено и придонесува кон подигнување на јавната свест за потребата од вклучување на граѓаните, деловните субјекти и организациите во општествено хумани активности.