По повод 20-ти ноември, Светскиот ден на детето, Жито Лукс спроведе донаторска акција за деца со посебни потреби. Повеќе од 200 пакетчиња што содржеа производи од компанијата беа поделени во седум социјални институции во Македонија, чиј штитеници се деца и младинци.
Пакетчињата им беа врачени на штитениците од Заводот за рехабилитација на деца и младинци во населбата Топаанско поле, Скопје, Интернатот за привремено згрижување деца од социјално загрозени семејства Гоце Делчев во село Љубанци, како и на децата со посебни потреби од Дневните центри лоцирани во Велес, Гостивар, Тетово, Прилеп и во Куманово.
„Целта на оваа донација е да го одбележиме Светскиот ден на детето, но во исто време и да испратиме порака до јавноста дека децата, како најранлива категорија во секое општество, имаат потреба од посебна грижа и помош од страна на возрасните. Ова е мал гест на грижа и внимание со кој се надеваме дека ќе предизвикаме насмевка на нивните лица“, изјави Лидија Трајковска, одговорно лице во секторот за маркетинг на Жито Лукс АД Скопје.
Оваа донација е само една од активностите што ги презема Жито Лукс за подобрување на квалитетот на животот на социјално загрозените категории. Со ваквата акција, компанијата уште еднаш ја покажа својата општествено одговорна страна, ја продолжи низата на активности од хуманитарен карактер како дел од стратешките цели на својата работа, секогаш излегувајќи во пресрет на потребите на социјалните институции во Македонија.